30 октомври 2019 година, Скопје – Националниот совет за одржлив развој на Република Северна Македонија денеска се состана во Скопје за да повика на засилена климатска акција преку стратешко ангажирање со Зелениот климатски фонд (ЗКФ). Советот беше свикан од страна на Кабинетот на заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во улога на Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд и ФАО. Присуствуваа над 100 претставници на релевантни институции, владини агенции, локалната самоуправа, граѓанско општество, приватниот сектор, академија и меѓународна заедница.
Зелениот климатски фонд е нов партнер за финансирање на инвестиции на државата во “зелен” развој, развој со ниско ниво на емисии и отпорност кон климатските промени. Во рамките на првиот проект на земјата од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, чии резултати беа презентирани денес, ФАО ја поддржа Владата да воспостави национален механизам, институционална рамка и процедури потребни за ефикасно пристапување кон и распоредување на финансиски ресурси од Фондот.
На денешниот настан „ Унапредување на климатската акција во Република Северна Македонија “, членови на Националниот совет за одржлив развој, вклучително министри и претставници на академската и бизнис заедницата, се состанаа со цел да ги валидираат клучните резултати на проектот - предлог националниот координативен механизам за донесување одлуки за прашања поврзани со Зелениот климатски фонд, критериуми за приоретизирање на предлог-проекти изработени во Северна Македонија кои би се финансирале преку ЗКФ и т.н. процедура „Без - приговор“ која обезбедува усогласеност на предлозите за финансирање преку ЗКФ со националните приоритети, стратегии и планови.
Во своето воведно обраќање на настанот, вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, д-р Кочо Анѓушев, истакна дека се потребни конкретни и одлучни активности во насока на справување со климатските промени, притоа е потребно заедничко дејствување на сите чинители, вклучително владините институции, локалната самоуправа, но и реалниот и граѓанскиот сектор. „Сорабоката со Зелениот климатски фонд е од особено значење како надополнување на напорите на државата да ги достигне сценаријата според кои го има потпишано и ратификувано Парискиот договор за клима, но и достигнување на поамбициозни сценарија, како и да одговори на барањата на Европската унија. Крајната цел на нашите напори секако е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени” додаде вицепремиерот Анѓушев.
Една од главните улоги на Нaционалниот назначен орган е да ги поврзе напорите спроведени на национално ниво со можностите за пристап до климатски финансии од ЗКФ, и да обезбеди дека активностите се во согласност со националните приоритети за климатска акција и ги исполнуваат инвестициските критериуми на ЗКФ.
Владата денеска го означи и почетокот на развојот на Работната програма на земјата за Зелениот климатски фонд со објавување на отворен повик за проектни идеи кои би се финансирале преку Фондот. Сите заинтересирани засегнати страни вклучително академските установи, националните/локалните власти, јавни и приватни претпријатија, граѓански организации и други правни лица се поканети да достават идеи за проекти кои предлагаат активности за прилагодување кон или ублажување на климатските промени во најмалку еден од приоритетните сектори, вклучително енергија, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биодиверзитет, здравство, шумарство и културно наследство.
Проектните идеи можат да се поднесат со користење на електронската апликација, во која се објаснети чекорите и критериумите за развој на проектна идеја за ЗКФ, наведени во Упатството за апликанти. Новата веб-страница www.greendevelopment.mk, развиена во рамки на првиот подготвителен проект од ЗКФ, ќе служи како клучна комуникациска алатка за споделување на знаење и информации за активностите поврзани со Зелениот климатски фонд во земјата.
„Како акредитиран субјект на ЗКФ со разновидно знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ја поддржа Северна Македонија во заедничко спроведување на овој подготвителен проект од ЗКФ, прв од ваков вид во земјата“, истакна Танија Сантинавез, менаџер на регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси. „Ова ќе ги постави темелите на националните иницијативи за климатска отпорност и ублажување на климатските промени преку идни проекти финансирани од Зелениот климатски фонд“.
Таа додаде дека „имањето пристап до финансирање преку ЗКФ ќе им овозможи на институциите, општините, граѓанското општество, академијата и приватниот сектор во Република Северна Македонија да се вклучат во активности за адаптација кон и ублажување на климатските промени, да развиваат понатамошни проекти, да го зајакнат иновативниот потенцијал, да ги намалат ранливостите и да искористат неоткриени можности за зелен развој на земјата“.