12 јули 2019 година, Маврово - Зелениот климатски фонд претставува нов партнер за финансирање за инвестиции за прилагодување кон и ублажување на климатските промени во Северна Македонија. Со цел успешен ангажман со Фондот, потребна е силна институционална рамка, ефективна вклученост и координација на засегнатите страни на национално ниво.
Околу 50 претставници на владините институции, министерствата, граѓанскиот и приватниот сектор, академијата и меѓународните организации се собраа денеска во Хотелот Радика во Маврово да дискутираат на техничко ниво за стратешкиот ангажман на земјата со Зелениот климатски фонд (ЗКФ).
Кармен Аргељо, ФАО координатор на ЗКФ проектот за подготвеност, истакна дека “ова е многу важен чекор во градење на партнерство меѓу националните чинители во Северна Македонија и Зелениот климатски фонд, за да создадеме поволно опкружување за зголемена сопственост на земјата и пристап до климатски финансии".
Во поздравниот говор на настанот, советничката за меѓународна економија и развој на Премиерот, Олимпија Христова Заевска истакна дека "ангажманот со Зелениот климатски фонд преку подготвителната поддршка и помага на земјата да ги соедини своите напори за национално и глобално влијание, како и поттикнување одржлив и “зелен” економски развој. Понатаму, им помага на различните чинители кои работат во областа на климатски промени да ја препознаат заемната поврзаност по ова прашање и важноста од заедничко и транспарентно работење", додаде таа.
Ова е втора по ред национална консултативна средба организирана во рамки на првиот проект на Северна Македонија од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд - "Поддршка за управување со ефективен национален координативен механизам за Зелениот климатски фонд" – спроведуван од ФАО под раководство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како Националениот назначен орган за ЗКФ.
Во овој контекст, експертите на ФАО го поддржаа Националниот назначен орган за ЗКФ да спроведе сеопфатна анализа на постоечките институционални релации, вклучувајќи ја и структурата на сите национални тела, комисии и совети релевантни за прашања поврзани со одржливиот развој, финансирањето и климатските промени. Политиките на Зелениот климатски фонд за заштита на животната средина и социјална безбедност (Environmental and Social Safeguards - ESS), родовите аспекти и перспективите на ранливите групи беа земени предвид во овој процес. Врз основа на анализата, развиен е нацрт-предлог за идниот национален координативен механизам за донесување одлуки за прашањата поврзани со ЗКФ. Учесниците на настанот ќе бидат информирани и консултирани за нацрт-предлогот за национален координативен механизам за ЗКФ - вклучувајќи ги релевантните тела кои ќе бидат вклучени, нивните улоги и одговорности.
Спроведената детална анализа на клучните стратешки документи развиени во Северна Македонија во врска со климатските промени укажа дека енергетиката, транспортот, водите, земјоделството, отпадот, биолошката разновидност, здравството, шумарството и културното наследство се приоритетни сектори за климатска акција во земјата. На денешниот настан, партнерите исто така ќе научат како да идентификуваат проектни идеи во овие приоритетни сектори кои имаат мерливо влијание врз климатските промени и се подобни за финансирање преку ЗКФ, а се усогласени со приоритетите за адаптација и ублажување на климатските промени и останати тековни активности на национално ниво.
Како резултат на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка, Владата ќе може да креира Национална Програма за Зелениот климатски фонд, усогласена со националните приоритети, која повикува на смела климатска акција која ќе стимулира конкретни решенија за намалување на емисиите и зголемување на климатската отпорност во приоритетните сектори.