Скопје, 12 април 2022 година. На предлог на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во улога на Национален назначен орган (ННО) за Зелениот климатски фонд (ЗКФ), Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со која го номинира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) да биде првиот национален субјект кој ќе отпочне постапка за акредитација од Зелениот Климатски Фонд.
Како централна институција за поддршка на микро, мали и средни претпријатија со развиен механизам за креирање инструменти за поддршка, ФИТР е стратешки соодветен субјект за да стане ентитет со директен пристап до ЗКФ од Република Северна Македонија, на кој начин ќе добие побрз и лесен пристап за користење на средствата од Зелениот климатски фонд за да придонесе кон имплементацијата на климатските програмски приоритети на Република Северна Македонија.
ФИТР во соработка со ННО за ЗКФ, а со поддршка од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), во следниот период интензивно ќе работи на подготовка за акредитација од ЗКФ. Подготовката ќе започне со спроведување на Анализа на јаз согласно критериумите за акредитација на ЗКФ, според претходно развиена и утврдена методологија, а ќе продолжи со подготовка на План на активности за надминување на идентификуваните јазови и отпочнување на онлајн процесот за акредитација од ЗКФ.
Овие активности се спроведуваат во рамки на проектот „Зајакнување на националните капацитети за ублажување и адаптација кон климатските промени и финализирање на Работната програма за Зелениот климатски фонд на Република Северна Македонија“, имплементиран од ФАО под водство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како Национален назначен орган за ЗКФ. Поддршката за подготовка за акредитација за ЗКФ е активност, дел од проектната компонента „Директен пристап до климатски финансии“, каде во изминатиот период беше објавен Јавен Повик за изразување на интерес за акредитација за ЗКФ на кој право да учествуваат имаа сите правни субјекти од земјата.
Целокупното приоритизирање и избор на најподобниот домашен субјект за директен пристап до средствата од ЗКФ беше спроведено во неколку фази, вклучително и подигнување на јавнатата свест кај националните чинители за процесот на ЗКФ акредитација, како и брзо оценување на сите субјекти кои искажаа интерес на повикот. Процесот резултираше со избор на еден национален субјект - Фондот за иновации и технолошки развој - од страна на Националниот назначен орган за ЗКФ, како најподобен да продолжи напред во процесот на акредитација за Зелениот климатски фонд.